Контроверзната книга за 28-годишниот Мариус Борг Хојби, синот од претходната врска на норвешката принцеза Мете-Марит, може и понатаму слободно да се продава во Норвешка. Окружниот суд во Осло го одби барањето на Хојби за нејзино повлекување и пресуди во корист на издавачката куќа.
Судот: „Книгата е од јавен интерес“
Книгата „Бели линии, црна овца“ останува на полиците, а најстариот син на принцезата ќе треба да ги подмири судските трошоци во висина од околу 530.000 норвешки круни, односно приближно 456.000 евра.
Во соопштението на издавачот „Aschehoug“ се наведува дека пресудата е „доказ за тоа дека публикации од овој тип ја уживаат неопходната заштита на која почива демократското општество“. Адвокатот на издавачот, Јорген Вангснес, изјави за агенцијата NTB дека судот правилно ја оценил важноста на слободата на говорот и јавниот интерес.
Хојби тврди дека книгата содржи лаги и клевети
Хојби, преку своите адвокати, тврди дека книгата содржи низа невистини и клевети и побара таа да биде повлечена додека не се исправат грешките. Неговиот адвокат Елијас Кристенсен најави дека ќе ја разгледа целата пресуда и можноста за жалба.
Судот, и покрај конечната одлука, се согласи дека во книгата има „исклучително навредливи тврдења без фактичка основа“, меѓу кои и обвинување за наводна продажба на кокаин во центарот на Осло, недалеку од Кралската палата.
Во пресрет на судењето за сериозни кривични дела
Во август, Хојби беше обвинет по 32 точки, меѓу кои и обвинение за силување. Тој призна дека бил насилен кон поранешната девојка додека бил под дејство на алкохол и кокаин и дека уништувал предмети во нејзиниот стан, но ги отфрла најтешките обвиненија.
Судењето е закажано за 3 февруари, а доколку биде прогласен за виновен, му се закануваат неколку години затвор.





