Фудбалерот на Евертон, Идриса Геје стана третиот играч од Премиер лигата од 2000 година кој е исклучен поради инцидент со играч од својот тим.
Триесет и шестгодишниот сенегалски фудбалер синоќа доби црвен картон во 13. минута од натпреварот против Манчестер јунајтед, откако му удри шлаканица на соиграчот Мајкл Кин.
Геје по натпреварот му се извини на соиграчот Мајкл Кин, како и на другите играчи, тренерскиот персонал, навивачите и клубот. Тој изјави дека ја презема целосната одговорност за својата реакција.
– Она што се случи не ги одразува моите вистински квалитети и принципи. Емоциите понекогаш ме совладуваат, но ништо не го оправдува таквото однесување. Ќе направам сè за да се осигурам дека никогаш повеќе нема да се случи, напиша фудбалерот на социјалните мрежи.
Манчестер јунајтед синоќа загуби од Евертон со 1:0 на домашен натпревар во 12. коло од англиската Премиер лига.
Фудбалерот од средниот ред Кјернан Дјусбери-Хол го постигна единствениот гол во 29. минута.
Во 2005 година, играчите на Њукасл, Ли Бојер и Киерон Даер поради меѓусебна пресметка беа исклучени во 82. минута од натпреварот против Астон вила, а во 2008 година, фудбалерот на Стоук, Рикардо Фулер, беше исклучен по напад врз Енди Грифин.







