По седум години пауза од научната фантастика, Стивен Спилберг подготвува големо враќање во жанрот со новиот проект „Disclosure Day“, sci-fi трилер со елементи на теорија на заговор и вонземска мистерија, чија премиера е најавена за 12 јуни 2026 година.
Филмот, кој долго време се развиваше под строга тајност, наводно ќе ја спои чудесноста на E.T., мистиката на Close Encounters of the Third Kind и паранојата на War of the Worlds, но со значително помрачен и вознемирувачки тон од она на што публиката е навикната од Спилберг.
Во главните улоги настапуваат Емили Блант, Џош О’Конор и Колин Ферт, актерска екипа која веќе се опишува како една од најсилните во поновата кариера на легендарниот режисер.
Сценариото е напишано од Дејвид Кеп, долгогодишен соработник на Спилберг, кој стои зад сценаријата за Jurassic Park, The Lost World, War of the Worlds и Indiana Jones and the Kingdom of the Crystal Skull – филмови што заедно имаат заработка поголема од 3 милијарди долари ширум светот. Приказната е оригинална и потекнува од самиот Спилберг.
Засега не се откриваат детали за ликовите или заплетот, освен дека станува збор за приказна поврзана со глобално „откривање“ и длабоко вкоренети тајни за присуство што човештвото одбива да го признае.
Филмот е продуциран од Кристи Макоско Кригер и Стивен Спилберг за Amblin Entertainment, додека извршни продуценти се Адам Сомнер и Крис Бригам. Издавач е Universal Pictures.
Првиот официјален тизер објавен од Universal Pictures, навестува дека овој пат Спилберг нè води кон момент на колективно соочување со вистина што човештвото можеби не е подготвено да ја прифати.
Официјалниот трејлер се очекува во наредните месеци.
Редакција Фронтлајн







