Со едногласна одлука на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски повторно ја доби довербата да ја извршува функцијата претседател на ЗЕЛС, информираат од Град Скопје.
„Од срце им благодарам на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за укажаната доверба, заедно со моите колеги, двајцата нови потпретседатели, Изет Меџити и Горан Герасимовски. Уверен сум дека пред нас е успешен мандат кој ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на децентрализацијата. Овој оптимизам го темелам на неколку клучни причини. Прво, изминаа дваесет години од започнувањето на процесот на децентрализација, период во кој локалната власт созреа и се изгради јасна визија за неопходните реформи. Второ, во овој мандат располагаме со значаен човечки потенцијал и искуство, повеќе од половината градоначалници имаат најмалку еден мандат зад себе, а меѓу нив и колеги со долгогодишен континуитет. Трето, искуството од енергетската криза покажа дека кога сме обединети во рамките на ЗЕЛС можеме да изнајдеме решенија и да се справиме со најтешките предизвици. За разлика од минатото, денес имаме јасна поддршка и партнерски однос со Владата и Премиерот Христијан Мицкоски, што резултира со ревидиран Меморандум за соработка и видлив инфраструктурен развој во општините. Четврто, ЗЕЛС претставува стабилна и инклузивна заедница во која сите општини настапуваат рамноправно, без разлика на политичка, етничка или верска припадност. Преку документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 2026-2030 година, јасно ги дефинираме приоритетите и подготвено настапуваме во дијалогот со централната власт. Во изминатиот период активно учествувавме во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што беше прифатено и нашето долгогодишно барање за воспоставување општинска комунална полиција. Во наредниот период фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините. Ќе продолжиме со лобирање за поголем удел на општините во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги. Пред нас стојат уште многу важни прашања, но уверен сум дека со заеднички пристап и јасна визија ќе постигнеме конкретни резултати“, истакна Ѓорѓиевски .
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на конститутивната седница на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) едногласно е избран за нов потпретседател на организацијата, соопштуваат од Општина Центар.
Герасимовски се заблагодари на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за укажаната доверба и ја потврди својата заложба функцијата да ја извршува во интерес на граѓаните.
„Очекувам новиот состав на ЗЕЛС да биде на висина на својата задача и да воспоставиме конструктивна и конкретна меѓуопштинска соработка, без политизација и со целосна посветеност на граѓаните. Во следните четири години пред нас е сериозна задача: зајакнување на процесот на децентрализација, поголема фискална самостојност и пошироки ингеренции, со една единствена цел, да обезбедиме подобри проекти и услуги во нашите општини“, рече Герасимовски.
Делегатите дискутираа за предлог-стратегијата на ЗЕЛС за 2026–2030 година, како и за актуелните предизвици во локалната власт, со цел унапредување на работењето на општините и зајакнување на соработката меѓу локалните самоуправи.







