Министерот за правда Игор Филков најави дека кадровското зајакнување на судството и обвинителството ќе биде еден од клучните приоритети во 2026 година, оценувајќи дека човечките ресурси се предуслов за ефикасна дигитализација и функционално правосудство.
Филков ова го истакна на 9-от состанок на Секторската работна група за правда, кој се одржа во присуство на претставници на Делегацијата на Европската Унија, дипломатски мисии, судии, јавни обвинители, адвокати, Советот на ИКТ, како и меѓународни и домашни организации и донаторската заедница.
Министерството за правда, како што беше соопштено, спровело надзор кој покажал алармантна состојба со кадровската пополнетост во правосудниот систем.
Според официјалните податоци, пополнетоста на судиските места изнесува 67 проценти, односно 432 од предвидените 636 позиции, додека судската служба е пополнета со само 36 проценти, што директно се одразува врз ефикасноста и времетраењето на судските постапки.
Овие констатации, како што нагласи Филков, ќе бидат основа за преземање конкретни и координирани мерки со цел зајакнување на човечките капацитети на најкритичните точки во системот.
„Иако во делот на прописите предвидуваме суштински промени, најважен останува човечкиот фактор. Потребни се стручни кадри на секое ниво во правосудството, за ефикасно функционирање и постапување во служба на правдата. Тука е потребна заедничка заложба на сите“, изјави министерот за правда Игор Филков.
Паралелно со кадровските прашања, од Министерството информираат дека во изминатиот период биле подготвени над 20 закони, во транспарентен и инклузивен процес. Од нив, 13 закони се веќе во владина процедура, додека Законот за Судскиот совет се наоѓа во Собранието и го поминал првото читање.
Воедно, продолжува и спроведувањето на Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028 и Реформската агенда 2024–2027, за кои е формиран посебен Совет за следење на реформите. Процесот е поддржан од Европската Унија, што, како што беше посочено, претставува јасен сигнал за доверба и напредок кон членство во ЕУ.
На крајот од обраќањето, министерот Филков изрази благодарност до сите партнери за континуираната поддршка и соработка.







