Џејк Пол и Ентони Џошуа се привремено суспендирани од Атлетската комисија на сојузната држава Флорида, веднаш по нивниот боксерски меч што се одржа синоќа во Мајами.
Во борбата, двократниот светски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, славеше со нокаут во шестата рунда, при што на Пол му нанесе скршеница на вилицата. Поради сериозноста на повредата и самиот исход, за двајцата боксери автоматски стапија на сила медицински суспензии, пренесува Index.hr.
На Џошуа му беа потребни речиси шест целосни рунди за да го заврши дуелот против јутјуберот кој последниве години настапува професионално во боксот. По мечот, Пол се огласи на социјалните мрежи со видео директно од рингот, на кое ја покажа тешката повреда на вилицата.
По победата, Џошуа веднаш го искористи моментот за да упати јавен предизвик до Тајсон Фјури за потенцијален меч.
Автоматски медицински суспензии
Бидејќи борбата се одржа во Kaseya Center во Мајами, таа беше под директен надзор на Атлетската комисија на Флорида. Според правилата на Комисијата, усогласени со препораките на Здружението на боксерски комисии, двајцата борци, без оглед на исходот, мора да минат задолжителен период на одмор од најмалку седум дена.
Сепак, поради тешкиот нокаут и повредата, за Џејк Пол се очекува значително подолга суспензија. Таа најверојатно ќе изнесува најмалку 45 дена, а можно е да биде продолжена на 60 или дури над 90 дена, во зависност од деталната лекарска проценка. Сличен случај имаше и минатата година, кога по поразот од Мајк Пери во истата сојузна држава доби суспензија од 60 дена.
Пократка пауза за Џошуа
За разлика од Пол, Ентони Џошуа не претрпе сериозни повреди за време на мечот. Британецот го собори противникот четири пати пред конечниот нокаут и се очекува неговата суспензија да биде значително пократка.
По задолжителната медицинска проверка, суспензијата на Џошуа најверојатно брзо ќе биде укината, слично на претходни случаи во кои борци без посериозни оштетувања се враќале во рингот по кратка пауза.











































































































