На 75-годишна возраст денеска почина Драган Б. Костиќ, новинар и радио-водител кој со децении важеше за еден од најпрепознатливите и највлијателни гласови на македонскиот радио-етер.
Веста за неговата смрт ја соопшти неговиот син Бане Костиќ, кој информираше дека Костиќ не успеал да ја добие битката со болеста, по период на тешка здравствена состојба за која неодамна јавно проговори и Перо Камиказа.
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ, сопруг, татко и дедо, на 75-годишна возраст“, напиша Костиќ во објава на социјалните мрежи.
Последната почит ќе може да се оддаде утре, во недела, 21 декември, од 12:30 до 13:30 часот, во капелата на гробиштата Бутел во Скопје.
Во објавата, семејството упати и јавна благодарност до медицинскиот персонал и раководството на Државната неврохируршка клиника во Скопје, со посебно признание до д-р Благоја Шунтов, за, како што наведуваат, грижата, посветеноста и хуманоста.
„Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно, Диско Селекторе“, стои во пораката.
Драган Б. Костиќ ќе остане запаметен како еден од симболите на радиото кај нас, човек чиј глас, музички избор и стил оставија трајна трага во медиумскиот простор.











































































































