Македонската радио-телевизија (МРТВ) се наоѓа на долната граница од регионалниот просек за транспарентност и подготвеност за вештачка интелигенција, покажува првиот регионален извештај на NarativAI – Центар за медиумски иновации на Балканот.
Истражувањето опфатило јавни радиодифузни сервиси од седум земји од Западен Балкан и ја анализира нивната транспарентност, етички стандарди и институционална подготвеност за користење на новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција.
Според резултатите, МРТВ освоила вкупно 50 од можни 100 поени, од кои 30 поени за транспарентност и 20 поени за дигитална и ВИ-подготвеност. Со овој резултат, јавниот сервис на Македонија е групиран меѓу институциите со умерено ниво на подготвеност, но со јасно идентификувани слабости.
Извештајот наведува дека МРТВ располага со обемен Етички кодекс кој претставува солидна основа за професионално новинарство, но тој документ не бил ажуриран од 2017 година. Како резултат на тоа, во него не се опфатени современите предизвици поврзани со дигиталното новинарство, социјалните мрежи, алгоритмите, синтетичките содржини и вештачката интелигенција.
Дополнително, иако дел од интерните документи се формално јавно достапни, нивната прегледност и лесна достапност за граѓаните се ограничени, што, според анализата, ја намалува практичната транспарентност на јавниот сервис.
Во делот на подготвеноста за вештачка интелигенција, истражувањето укажува дека МРТВ нема јасно дефинирани интерни политики за користење на ВИ-алатки во редакциската работа. Недостигаат конкретни насоки за новинарите, уредниците и надворешните соработници, што отвора простор за нерегулирани ризици поврзани со синтетички генерирани содржини, автоматизирана обработка на информации и можни форми на технолошка манипулација.
„Овој извештај не е критика, туку алатка за унапредување. Јавниот сервис во Македонија има основа врз која може да се надгради, но без навремено ажурирање на етичките и транспарентните рамки, ризикот е да се заостанува зад технолошката реалност и очекувањата на јавноста“, се наведува во заклучоците на истражувањето.
NarativAI препорачува ажурирање на Етичкиот кодекс на МРТВ, воспоставување јасна и видлива страница за транспарентност, подобрување на механизмите за јавни претставки, како и усвојување посебна политика за етичка употреба на вештачката интелигенција.
Регионалната анализа покажува дека јавните радиодифузни сервиси во Западен Балкан во целина се наоѓаат во зона на умерена подготвеност, со оценки меѓу 50 и 65 поени. Највисок резултат од 65 поени оствариле БХРТ и РТК, следуваат РТЦГ и РТШ со по 60 поени и РТС со 55 поени, додека ХРТ и МРТВ се позиционирани на долната граница со по 50 поени.
Целосниот извештај е објавен под наслов „Transparency and AI Readiness of Western Balkan Public Broadcasters: A Regional Assessment“.







