Петтото Собрание на Алијанса за Албанците донесе одлука за свикување редовен Конгрес на партијата, кој се очекува да се одржи во првата половина на 2026 година, соопштија од партијата.
По донесувањето на одлуката, Собранието ја формираше и Централната комисија за организација на Конгресот, која ќе ја предводи пратеничката Илире Даути. Комисијата ќе биде задолжена за подготовка на Конгресот, како и за реструктуирање на подограноците, ограноците и другите партиски тела во периодот до неговото одржување.
На седницата бил презентиран и извештајот за последните локални избори, а била отворена и дискусија за актуелната политичка состојба во земјата.
Од Алијансата за Албанците наведуваат дека со овие одлуки започнува процес на реорганизација и зајакнување на партиските структури, со цел, како што посочуваат, партијата повторно да се позиционира како најголема политичка сила на Албанците во државата, преку развој на идеологијата, програмата и политичката визија.
Соопштението е потпишано од претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.







