Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри итна финансиска помош за 25 земји членки од средствата за контрола и ублажување на последиците на катастрофи (CCRT) за да им помогне да се фокусираат на борбата против пандемијата на корона вирусот.
Директорката на ММФ Кристалина Георгиева синоќа изјави дека на овие 25 земји иницијално ќе им бидат уплатени неповратни средства заради полесно сервисирање на нивните долгови кон Фондот, во текот на следните шест месеци, за да можат своите државни буџети да ги насочат кон виталните здравствени и други потреби.
CCRT располага со околу 500 милиони долари, вклучувајќи ги и најавените уплати на 185 милиони долари од Велика Британија, 100 милиони долари од Јапонија, како и уплатите на Кина, Холандија и други земји, не откривајќи ги нивните износи.
Фондот настојува својот располжлив износ да го зголеми на 1,4 милијарди долари, пренесуваат британските медиуми.
-Вкупно околу 215 милиони долари ќе бидат потрошени на неповратните средства за првите 25 земји, за следните шест мецеци, изјави портпаролка на ММФ и ја навести можноста од продолжување на рокот до две години.
Првите земји кои ќе добијат грантови за покривање на долгот од CCRT се Авганистан, Бенин, Буркина Фасо, Централна Африканска Република, Чaд, Коморски острови, Демократска Република Конго, Гамбија, Гвинеја, Гвинеја-Бисао, Хаити, Либерија, Мадагаскар, Малави, Мали, Мозамбик, Непал, Нигерија, Руанда, Сао Томе и Принсипе, Сиера Леоне, Соломонски острови, Таџикистан, Того и Јемен, соопшти ММФ.