Славниот холивудски актер Бредли Купер јавно ги демантираше гласините за пластични операции што со години кружат за неговиот изглед. Во гостување во популарниот подкаст SmartLess, 51-годишниот актер за првпат поотворено се осврна на шпекулациите, а во негова одбрана застана и неговиот долгогодишен пријател Вил Арнет.
Епизодата беше објавена во понеделникот, на 5 јануари, а Купер разговараше со водителите Џејсон Бејтман, Шон Хејс и Арнет, кој токму и ја отвори темата за гласините, пренесува Index.hr.
„Ова навистина ме лути“
Арнет се присети на момент кога бил замолен да открие нешто за Купер што јавноста не го знае. „Реков – има многу работи“, објасни тој, но додаде дека најмногу го иритира тоа што постојано се повторуваат приказните дека Купер бил на естетски зафати.
„Постојано читаме дека сите мислат оти Бредли имал пластични операции, а тој не направил апсолутно ништо. Зар не?“ праша Арнет. Веднаш реагираше Бејтман со краток одговор: „Да, немал.“
Купер потврди дека во последните недели луѓето сè почесто му приоѓаат и коментираат за неговиот изглед. „Да, луѓето ми приоѓаат и ми велат: ‘О, изгледаш добро!’ Да, но целата ситуација е навистина луда“, рече актерот, јасно ставајќи до знаење дека му е непријатно од целата приказна.
Арнет додаде дека ваквите шпекулации го нервираат затоа што „сите мислат дека знаат“, а потоа, како што рече, „ги читаш тие глупости насекаде“.
Како започнаа новите шпекулации
Гласините повторно се разгореа по неодамнешното појавување на Купер на црвен тепих, каде дел од публиката забележа дека актерот изгледа поинаку од порано. Откако профилот E! News објави негово интервју, видеото брзо се прошири на интернет, имаше и бројни коментари.
@enewsBradley Cooper’s daughter Lea has had filmmaking and movies in her life from the very beginning.♬ original sound – E! News
„Искрено, воопшто не го препознав“, напиша еден обожавател, додека други коментираа дека Купер потсетува на Чарли Шин, па дури и дека изгледа како „третопласиран на натпревар за двојник на Бредли Купер“.
Споредби со Зак Ефрон и теории за зафати
На TikTok се појавија и споредби со Зак Ефрон, за кого во последните години исто така кружеа гласини за естетски интервенции. Една тиктокерка праша: „Што се случува во Холивуд? Ова е толку чудно“, додавајќи дека новите фотографии од Купер ја навеле да помисли дека личи на Ефрон.
Дел од коментаторите тврдеа дека очите на Купер изгледаат поотворено и подефинирано, па шпекулираа за можни зафати како блефаропластика (операција на капаци). Други, пак, сметаат дека станува збор за ефект од светло, шминка, замор, агол на снимање или едноставно – природни промени што доаѓаат со годините.
Самиот Купер, сепак, беше јасен: гласините се неосновани, а целата приказна ја опиша со еден збор – апсурдна.







