Министерството за внатрешни работи информира дека денеска, 26 јануари 2026 година, од 12:00 часот е најавен прекин на товарниот сообраќај на повеќе гранични премини поради јавен протест организиран од асоцијацијата „Макам-транс“.
Според најавата доставена до МВР, протестот ќе се одржи на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.
Од МВР појаснуваат дека протестот ќе се манифестира со ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, односно со затворање на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај. Патничкиот сообраќај, како и сообраќајот на автобусите, ќе се одвива непречено на сите гранични премини.
Според најавата на организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано доколку се надминат причините поради кои е организиран.
Министерството за внатрешни работи најавува дека ќе преземе соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир и за обезбедување безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите, како и возилата што превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.
Од МВР апелираат до граѓаните и превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини.







