Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска на прес-конференција обвини дека Американската агенција за борба против дрога доставила податоци до обвинителствата во Македонија и Србија за случајот со, како што наведуваат, најголемата заплена на марихуана во регионот – пет тони дрога запленети во Србија, а со потекло од Македонија.
„Според неофицијални информации објавени во медиумите во Србија, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од DEA“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Тој оцени дека станува збор за „скандал од огромни размери“ кој, според СДСМ, го открива „длабокиот криминал на актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски“.
„Поради оваа меѓународна соработка, премиерот Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање – како пет тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија?“, рече Димитријевиќ.
Според него, молкот на премиерот не е случаен.
„Овој молк е индикатор дека во тврдењата има вистина, бидејќи фактите укажуваат дека без поддршка на структури во власта, Министерството за внатрешни работи, Царината и други институции, ваква огромна шверцерска операција би била невозможна“, изјави тој.
Од СДСМ оценуваат дека наместо соочување со фактите, власта води медиумска кампања за, како што тврдат, дефокусирање на јавноста од количините запленета дрога.
„Затоа е паниката во власта“, рече генералниот секретар на СДСМ.
Партијата побара итна, независна и транспарентна истрага, која треба да даде одговор на прашањата „кој сѐ е вмешан и кој дозволил пет тони дрога да поминат преку граница“, како и дали, како што наведуваат, „лицето Симе, кое се појавува на фотографии со Мицкоски, е дел од мрежата“.
„Ова нема лесно да заврши. Сите ќе одговараат“, порача Димитријевиќ.







