Во периодот од 2 до 8 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ се регистрирани вкупно 4.991 сообраќаен прекршок на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од вкупниот број прекршоци, 641 мерка се однесуваат на возачи кои управувале возила со странски регистарски таблички.
Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, при што се евидентирани 4.674 случаи. Понатаму, регистрирани се 163 прекршоци за минување на затворен сигнал (црвено светло), како и 154 прекршоци за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола.
Во наведениот период изречени се и 288 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 163 за минување на црвено светло, а 125 за брзо возење.
Од МВР информираат дека, во рамки на дозволеното отстапување на брзината на движење, толерирани биле 22.434 возила.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе за побезбедни и посигурни патишта.







