Сојуз на синдикатите на Македонија денеска, 10 февруари, со почеток од 9 часот, започнува блокада на улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“ пред Собранието, како дел од втората фаза од активностите за зголемување на работничките плати. Ова е прва од трите најавени блокади, по која ќе следат блокади на работодавачите и на Владата.
На прес-конференција вчера, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека синдикатот нема да се откаже од барањата за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.
„На 10 февруари, со почеток од 9:00 часот, улиците пред Собранието ќе бидат блокирани од работниците и ССМ. Согласно Законот, потребни се најмалку 21 учесник на двете локации за да се блокира пристапот до Собранието“, изјави Трендафилов.
Тој истакна дека блокадата е одговор на повеќе од една година игнорирање на работничките барања.
„Законот за минимална плата е блокиран повеќе од една година, а за истиот период секое семејство е посиромашно за 9.500 денари месечно, поради растот на синдикалната минимална кошница“, рече Трендафилов.
Според него, пратениците не покажуваат слух ниту за барањата за повисоки плати, ниту за иницијативата за намалување на нивните примања.
„Бараме намалување на нивните плати за 80%, преку намалување на основицата од просечна на минимална плата – за и тие да почувствуваат што значи да се живее со минималец“, изјави тој, додавајќи дека иницијативата е уставна и законска.
Трендафилов најави дека поради блокадата пратениците нема да можат да наплатат трошоци за доаѓање на работа.
„Како што работниците одат пеш или со јавен превоз, така ќе мораат и тие“, рече тој.
По блокадата на Собранието, ССМ најави дека во четврток ќе ги блокира работодавачите, а наредната недела и Владата. Трендафилов порача дека доколку и понатаму нема слух за работничките барања, синдикатот ќе продолжи со притисокот.
„Не сакаа да нè слушаат на маса – сега ќе мора да нè слушаат од улица“, порача претседателот на ССМ.
Ј. Ѓ.







