Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран синоќа, 10 февруари 2026 година, во 22:05 часот по локално време, на Косово, во регионот на Призрен, соопшти Сеизмолошката служба на Србија.
Епицентарот бил лоциран на околу 20 километри југоисточно од Призрен, во близина на границата со Македонија. Проценетиот теоретски интензитет во епицентралното подрачје изнесува VI–VII степени според Меркалиевата скала, што значи дека земјотрес од ваква јачина може да предизвика умерени оштетувања на објектите во непосредната околина.
Граѓани од Косово и од Македонија преку страницата на EMSC јавуваат дека потресот бил краток, но силен и вознемирувачки. Од Штрпце на Косово, на околу 6 километри западно од епицентарот, сведок наведува дека земјотресот бил „многу силно почувствуван“. Од Пршовац во Македонија, на околу 12 километри југоисточно, граѓани пријавиле дека „се тресел мебелот“.
Во Призрен бил пријавен силен удар, но без материјална штета. „Нема оштетувања, но многу силно се почувствува“, наведува еден сведок, додека друг додава дека потресот бил краток, но интензивен.
Потресот бил јасно почувствуван и во Тетово, каде што граѓани пријавиле подрхтување, силна бучава и паѓање предмети од полици. „Се тресеше и се слушна силен звук, траеше околу пет до шест секунди“, наведува еден сведок, додека друг вели дека предмет паднал од телевизорот. Дел од жителите опишале дека биле видно вознемирени, наведувајќи дека земјотресот бил „застрашувачки“. Земјотресот е почувствуван и во Гостивар и Скопје
Надлежните институции засега не пријавуваат повредени или значителна материјална штета.







