Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, по повод празникот Св. Трифун, од Неготино им упати честитки на лозарите и винарите, истакнувајќи дека Владата ги исплатила субвенциите и ќе продолжи со поддршка на земјоделскиот сектор, соопшти .
Во своето обраќање, Николоски посочи дека исплатата на субвенциите е завршена и дека тоа треба да биде дополнителен поттик за земјоделците.
„Се надевам дека ова ќе биде поттик за уште подобра и поуспешна година, со квалитетен род и мотивирани земјоделци. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме и да го стимулираме земјоделието. Цените кои што можат да се видат оваа година се навистина добри, а се надевам дека следната сезона ќе имаме уште поголеми цени, и така секоја година ќе одиме нагоре, затоа што мора трудот да се цени и мораме да стимулираме домашно производство“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека македонските винарии стануваат сè поконкурентни на меѓународниот пазар, посочувајќи ја својата неодамнешна посета на Париз како пример.
„Навистина беше гордост да се биде таму и да се види како нашите винарии рамо до рамо стојат со најдобрите во Европа“, изјави Николоски.
Министерот најави и продолжување на инфраструктурните проекти, оценувајќи дека тие се важни за економскиот развој и подобрување на условите за бизнис.
„Очекувам бројни започнати проекти да бидат завршени, а паралелно да отпочнат и нови“, рече Николоски.
Од Министерството наведуваат дека посетата на Неготино по повод празникот Св. Трифун е во знак на поддршка за лозарите и винарите од Тиквешкиот регион, со порака дека Владата ќе продолжи со мерки за развој на домашното производство и економијата.







