Израелската армија најверојатно распрскува глифосат во високи концентрации долж границата со Либан, што предизвика силно негодување поради можните последици врз здравјето и животната средина, јавува Дојче Веле, повикувајќи се на извештај на германската јавна телевизија ARD.
Видео-снимки од јужен Либан покажуваат мал авион кој лета ниско над земјоделски површини и распрскува хемикалии. Портпаролката на мировната мисија на ОН во Либан (UNIFIL), Кендис Ардиел, изјавила дека израелската армија претходно ги известила мировните сили за воздушна активност.
„Мировните сили добија претходна најава од израелската армија дека ќе спроведува воздухопловна вежба. И Израел ги повика војниците на ОН да се држат подалеку од областа или да побараат засолниште“, изјавила Ардиел.
Според неа, израелската армија најавила дека ќе распрскува „нетоксична супстанција“, но анализите во Либан покажале присуство на глифосат – контроверзен хербицид што Светската здравствена организација го класифицира како „веројатно канцероген“.
Либанскиот министер за земјоделство Низар Хани изјавил дека концентрациите биле екстремно високи.
„Зедовме голем број примероци од почва и вода, и концентрациите беа огромни. Областа што беше прскана е голема и се протега околу 18 километри долж границата. Ова е масивен напад врз природата и населението на Јужен Либан“, изјавил Хани.
Научници предупредуваат дека последиците може да бидат долгорочни и да влијаат врз земјоделството, водата и биодиверзитетот.
„Кога почвата е еднаш толку силно контаминирана, обновувањето не трае месеци, туку со години. Тоа има последици врз безбедноста на храната, квалитетот на водата и биодиверзитетот“, изјавила Зајнаб Немр од Американскиот универзитет во Бејрут.
Според анализата, една од можните цели на распрскувањето е создавање заштитна зона долж границата за да се спречат напади од милитантната група Хезболах, преку уништување на вегетацијата и ограничување на цивилното присуство.
Израелската армија не дала официјален коментар за наводите.





