Министерството за социјална политика, демографија и млади изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на мајката и детето кои го загубија животот во трагичниот случај што ја потресе јавноста, и најави вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје.
Од Министерството соопштија дека, постапувајќи согласно законските надлежности и принципот на должно внимание, веднаш е извршен вонреден инспекциски надзор со цел „целосно и непристрасно утврдување на фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата“.
Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за прв пат била евидентирана во Центарот на 7 октомври 2025 година, по барање на Основниот граѓански суд во постапка по тужба за развод на брак.
Во однос на пријавено насилство, од Министерството информираат дека допис од Министерството за внатрешни работи бил примен и заведен во Центарот на 2 февруари 2026 година, а се однесувал на настан од 19 декември 2025 година, за сторен прекршок против јавниот ред и мир, односно физички напад на сопругот врз сопругата.
Министерството нагласува дека има „јасен и недвосмислен став“ дека секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора целосно да се утврди, а одговорност да има согласно закон.
„Заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се врвен приоритет и нема да дозволиме институционални слабости да останат неадресирани“, наведуваат од Министерството.
Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување, Министерството најавува дека транспарентно ќе ја информира јавноста за наодите и за понатамошните мерки. Воедно, порачуваат дека случајот ќе биде будно следен и ќе бидат преземени сите мерки во нивна надлежност за обезбедување целосна одговорност и зајакнување на системот на заштита.







































































































