Владата на денешната седница донела одлука за одземање на уште шест лиценци за одгледување канабис, информираше владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.
Според информациите од Владата, станува збор за точки предложени од Министерството за здравство, по извршени проверки од страна на надлежната комисија.
„Денес имаше шест точки од Министерството за здравство и шест лиценци Владата денес ги одзема. За подетални информации кои се фирмите, ве молам да се обратите до Министерството за здравство каде што и практично е оваа комисија“, изјави Митева.
Таа појасни дека од информацијата што била разгледана на владината седница произлегува дека лиценците се одземени поради утврдени законски пропусти при проверките.
„Од она што можев да го видам од информацијата која што помина на Владата, станува збор за законски пропусти при извршена проверка од страна на комисијата која што е надлежна да ги провери сите услови што треба да ги поседуваат. И да, Владата донесе одлука за одземање на уште шест лиценци“, истакна Митева.
Подетални информации за компаниите на кои им се одземени лиценците треба да соопшти Министерството за здравство, кое е надлежно за постапката и за работата на комисијата што ги врши проверките.







