Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави голем работнички протест за зголемување на платите, кој ќе се одржи денеска на 14 март во Скопје, со почеток во 12:05 часот пред Работничкиот дом, седиштето на ССМ.
Според соопштението на ССМ, протестот ќе започне пред зградата на синдикатот на улицата „Мирче Ацев“ во центарот на Скопје и ќе продолжи низ повеќе улици во градот, по што ќе заврши пред Владата.
Протестна маршрута низ центарот на Скопје
Од ССМ информираат дека протестната колона ќе се движи по улиците „Филип Втори Македонски“, „11 Октомври“, „Димитрие Чуповски“, „Даме Груев“ и булеварот „ВМРО“, а финалната точка ќе биде булеварот „Илинден“ пред Владата.
Во текот на протестот е предвидено запирање пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде синдикатот најавува дека ќе ги упати главните пораки до институциите и работодавачите.
Барање за повисоки плати
ССМ наведува дека протестот се организира поради долгогодишниот проблем со ниските плати и растот на трошоците за живот.
„Работниците веќе подолг временски период не живеат, туку само се обидуваат да преживеат како знаат и умеат, бидејќи нивните плати не ги следат реалните трошоци на животот“, се наведува во соопштението.
Од синдикатот истакнуваат дека нивните барања за зголемување на минималната плата и на останатите плати биле изнесени пред Собранието, Владата и работодавачите, но, како што тврдат, не добиле конкретен одговор.
„Работниците ќе зборуваат на улица“
ССМ оценува дека игнорирањето на барањата на работниците предизвикало дополнителен револт кај синдикалното членство.
„Кога Владата и газдите не слушаат, тогаш работниците и синдикатите ќе зборуваат на улица“, се наведува во соопштението на ССМ.
Од синдикатот најавуваат дека протестот ќе биде порака дека работниците бараат реално зголемување на платите и подобри услови за живот.
Ј. Ѓ.







