Процесот на обединување на ВЛЕН влегува во фаза на „смели и неповратни одлуки“, се наведува во соопштение од коалицијата ВЛЕН, во кое се посочува дека консолидацијата во единствен политички субјект веќе добива конкретна форма.
Според соопштението, одлуката на партијата Алтернатива да се приклучи кон новиот политички субјект ВЛЕН е потврда дека процесот на обединување е во тек и нема да запре.
Во соопштението се наведува дека и другите составни субјекти, како Движењето БЕСА, Демократското движење и Алијанса за Албанците, веќе направиле чекори во таа насока, вклучително и суспендирање на партиските тела.
Од ВЛЕН оценуваат дека овие потези претставуваат „политичка зрелост и свест за неопходноста од консолидација“.
Во соопштението се нагласува дека ВЛЕН се движи кон трансформација во единствена партија, со цел, како што се наведува, да се одговори на барањето за „единство, сила и достоинствена застапеност“ на Албанците.
„Процесот на обединување започна и не запира“, стои во соопштението.
Од ВЛЕН посочуваат дека обединувањето произлегува од долгогодишна потреба за обединета и одговорна политичка застапеност, додавајќи дека иднината, според нив, им припаѓа на оние кои имаат визија и подготвеност да ја реализираат.










































































































