Малите трговци реагираат дека нивните аргументи не биле земени предвид во новата драфт-верзија на законот за заштита од пушењето, која наскоро треба да стигне до Владата. Тие предупредуваат дека предложените решенија можат сериозно да ги погодат малите продажни објекти, како што се тобако продавниците, киосците, мини маркетите и други семејни бизниси.
Според нивната реакција, уште при објавувањето на првичната верзија на законското решение било укажано дека дел од мерките ќе предизвикаат големи финансиски загуби, отпуштање вработени и затворање на дел од малопродажните објекти. Трговците велат дека и покрај тоа што Министерството за здравство тврди дека се консултирало со сите засегнати страни, во дополнетата верзија на предлог-законот клучните спорни одредби останале непроменети.
Како единствена промена, според реакцијата, бил предвиден шестмесечен период за прилагодување на објектите на новите барања. Но, малите трговци сметаат дека тоа не го решава проблемот, бидејќи новите обврски за нив значат дополнителни финансиски трошоци и можни загуби поради веќе склучени долгорочни договори.
Тие посочуваат дека станува збор за повеќе од 4.000 мали и средни претпријатија низ земјата, најчесто семејни бизниси, чија економска одржливост, како што наведуваат, директно зависи од продажбата на тутунски и сродни производи. За голем дел од нив, овие производи претставуваат клучен извор на приходи, особено поради долгорочните договори со добавувачите.
Во реакцијата се наведува и дека во новата верзија на предлог-законот останува обврската тутунските производи да не бидат видливи за купувачите, односно да се чуваат во затворени и непроѕирни шкафови. Дополнително, остануваат и ограничувањата за каква било комуникација или означување поврзано со овие производи во самите продажни објекти.
Малите трговци оценуваат дека овие мерки директно ги погодуваат, особено ако се има предвид дека во изминатите години инвестирале во уредување на продажните места, опрема и брендирање согласно тогаш важечките прописи. Со новите правила, велат тие, тие инвестиции ја губат својата функција и ќе бараат нови вложувања, што создава дополнителен финансиски притисок врз бизниси кои и онака работат со ограничени ресурси.
Во вакви околности, според нив, малите продажни објекти се соочуваат со сериозна неизвесност. Тие сметаат дека наместо прилагодување на законското решение врз основа на реакциите од терен, предложените измени не носат суштински промени и оставаат илјадници семејни бизниси пред ризик од затворање.







