Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата нема да прифати уставни измени без јасни гаранции за европската перспектива на земјата, нагласувајќи дека е подготвен процесот да трае „и децении“ доколку условите не се прецизни и предвидливи.
На прес-конференција во Охрид, одговарајќи на новинарско прашање за евроинтеграциите, Мицкоски истакна дека нема да дозволи, како што рече, политики што „директно влијаат врз македонскиот идентитет, а не нудат јасен крај на процесот“.
„Ние ќе се бориме, ова се историски процеси… ако треба и ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет, а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера додека сум претседател на Влада по било која цена да влезам во таква авантура“, изјави Мицкоски.
Премиерот упати остра критика кон претходната власт, обвинувајќи ја за, како што рече, „лоши и криминални политики“ во водењето на надворешната политика.
Според него, прифаќањето на условот за внесување на бугарското малцинство во Уставот ја довело државата во „незавидна позиција“, додавајќи дека токму тие политики го донеле „слонот во собата“.
Прашањето за односите со Бугарија, кое останува клучно за европскиот пат, и понатаму е отворено, но Владата, како што најави, нема да прави отстапки без конкретни гаранции од Брисел.
Паралелно со политичките услови, Мицкоски нагласи дека Владата ќе се фокусира на исполнување на домашните обврски, особено во рамки на Реформската агенда.
Тој посочи дека земјата има амбиција да биде лидер во регионот, вклучително и во делот на акцискиот план за малцинствата.
„Од другите аспекти секако сме најдобри, споредено со другите земји од Западен Балкан… и јас сум убеден дека со јунскиот извештај ќе бидеме најдобри, сега сме рамо до рамо со најдобриот“, рече премиерот.
Мицкоски предупреди дека доколку Европската унија инсистира исклучиво на уставни измени, без да понуди јасна рамка и гаранции, Владата нема да биде „добар соговорник“ во таквиот процес.
Воедно, испрати и политичка порака дека клучот за одлуките во земјата, според него, е кај најголемата политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ.
„Секој што живее во илузија дека повторно ќе најде марионети кои слепо ќе исполнуваат туѓи барања во државата, тешко се лаже“, изјави Мицкоски.







