Оскаровката Никол Кидман откри дека планира нова животна насока – да се обучи за т.н. „death doula“, односно лице кое им помага на луѓето и нивните семејства во последните фази од животот.
Актерката ја сподели одлуката за време на јавен настап на Универзитетот во Сан Франциско, објаснувајќи дека инспирацијата доаѓа од личната загуба – смртта на нејзината мајка во 2024 година.
„Додека мајка ми умираше, таа беше осамена и имаше граници колку семејството можеше да помогне“, изјавила Кидман, додавајќи дека токму тогаш почувствувала потреба од луѓе кои „би биле таму непристрасно и би обезбедиле утеха и грижа“.
Таа признала дека идејата „звучи малку чудно“, но дека искуството со тагата ја поттикнало да сака да им помага на други луѓе кои поминуваат низ слични ситуации.
Според дефиницијата на релевантни здруженија, „death doula“ е немедицински придружник кој нуди емоционална, психолошка и практична поддршка на лица кои се соочуваат со смртта.
Кидман, која има 58 години, претходно го загуби и својот татко во 2014 година, што дополнително го обликувало нејзиниот однос кон темите за загуба и грижа.











































































































