НАСА и компанијата „Voyager Technologies“ официјално го потпишаа договорот за седмата по ред приватна астронаутска мисија до Меѓународната вселенска станица (МВС), која е планирана да се лансира најрано во 2028 година од Флорида, пренесува НАСА. Ова е првпат оваа компанија да биде избрана за ваков тип мисија, што претставува уште еден чекор во напорите на NASA за зајакнување на комерцијалната вселенска економија и проширување на можностите за приватниот сектор во ниската орбита на Земјата.
Мисијата, насловена како VOYG-1, предвидува екипажот да помине до 14 дена на станицата. Администраторот на NASA, Џаред Исакман, истакна дека приватните мисии го забрзуваат развојот на нови идеи и технологии кои ја зајакнуваат американската присутност во вселената. Тој нагласи дека со вклучувањето на нови партнери, агенцијата се приближува кон иднината каде ќе постојат повеќе комерцијално управувани вселенски станици и одржлив пазар во орбитата.
Voyager ќе предложи четири членови на екипажот, кои по одобрувањето од страна на NASA и меѓународните партнери, ќе поминат низ интензивна обука за својот лет. Дилан Тејлор, извршниот директор на Voyager, изјави дека овој проект е потврда за долгогодишното партнерство со вселенската агенција и доказ дека инфраструктурата што денес се гради во ниската орбита е всушност лансирна рампа за идните истражувања на длабоката вселена.
Во рамките на договорот, компанијата ќе ги закупи потребните ресурси од NASA, вклучувајќи храна, складирање товар и други логистички потреби за екипажот. Од друга страна, NASA ќе ја искористи оваа мисија за враќање на важни научни примероци на Земјата кои бараат специфични температурни услови за транспорт. Овие комерцијални напори не само што ја унапредуваат науката во микрогравитација, туку директно го поддржуваат долгорочниот план на NASA за испраќање луѓе на Месечината и Марс преку програмата Артемис.
Редакција Фронтлајн

