Опозициската СДСМ најави дека ќе побара итна реакција од европските институции поради, како што велат, неприфатливото однесување на премиерот Христијан Мицкоски и злоупотребата на државните органи.
Партијата планира официјално да ги извести Европската комисија, конкретно секторите за соседска политика и преговори за проширување (DG NEAR) и за енергетика (DG ENER), како и Венецијанската комисија на Советот на Европа.
Од СДСМ истакнуваат дека е неопходно да се испрати јасна порака дека таквото дејствување не е дозволено во земја која се стреми кон членство во Европската Унија. Според нив, иако секој мора да биде еднаков пред законот, недозволиво е премиерот да ги користи институциите како алатка за пресметка со политичките неистомисленици.
„Никому, па ниту на премиерот, не му е дозволено да ги злоупотребува државните институции како оружје против политичките противници, ниту да ги претвора во штит за сопствените криминални врски“, стои во соопштението на партијата.
Од опозицијата упатија и остри лични критики до претседателот на Владата, порачувајќи му дека е време да престане со „игрите“ и да се соочи со реалноста. СДСМ обвинува дека Мицкоски се обидува да ја избегне одговорноста преку манипулација со институциите.
„Дојде времето Мицкоски да престане да се игра со ‘чувства’. Не може повеќе да биде шеф на криминална и политичка банда која се плаши од вистината и правдата, а сака да избегне одговорност“, се наведува во реакцијата.
Партијата заклучува дека етапното доаѓање на вистината и правдата е неизбежно и дека меѓународната заедница ќе биде детално запознаена со состојбите во земјата.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека има чувство, но негираше дека има инфомации дека поранешни виоки функционери кои биле дел од владите на СДСМ ќе се соочат со прогон. Тој смета оти во државата мора да има еднакви услови за сите без разлика дали некој е сегашен или поранешен висок функционер.
„Очекувам опозицијата критички да се однесува и кога високи функционери од поранешните влади на СДСМ, поранешни премиери и нивни блиски, од семејството, ќе бидат опфатени со одреден прогон. Не велам дека имам информации, имам чувство. Очекувам и тогаш дека ќе имаат вакви прес-конференции и нема да велат дека се работи за политички прогон туку ќе ги повикаат да одговараат пред органите и да ја докажат својата невиност“, рече Мицкоски.







