СДСМ преку официјално соопштение упати сериозни обвинувања до Владата на Христијан Мицкоски за намерно одложување на барањето за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски. Од партијата посочуваат дека додека други земји, како Полска, веднаш побарале екстрадиција на своите политичари по најавите на идниот унгарски премиер Петер Маѓар дека нема да има заштита за криминалци, македонските институции сè уште молчат.
Според тврдењата на СДСМ, постои реален ризик Груевски повторно да избега од дофатот на правдата. Партијата располага со информации дека Груевски нема да добие азил во Турција, но дека во моментов води преговори за бегство во Русија или Белорусија. Од опозицијата прашуваат која е цената што за ова ќе мора да ја „платат“ граѓаните на Македонија со свои пари.
Во соопштението, Христијан Мицкоски е наречен „новиот Ванчо Михајлов во ВМРО“, со обвинување дека свесно ги кочи процесите за да избегне политичка непријатност и одговорност. СДСМ смета дека институциите во земјава се злоупотребуваат исклучиво за заштита на партискиот интерес на премиерот, наместо за спроведување на правдата.
Од партијата упатија јавен повик до Министерството за правда веднаш да престане со одолговлекувањето и итно да поднесе ново барање за екстрадиција на Никола Груевски до унгарските власти. Како што нагласуваат од СДСМ, времето на вистината и одговорноста е дојдено и секое понатамошно одложување ќе се смета за директно помагање на бегалецот.







