Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја прошири акцијата за откривање на нелегален увоз на медицински средства, кои биле користени за естетски зафати. Како што информираат од ОЈО ГОКК, во моментов обезбедени се повеќе лица, но поради обемот и сериозноста на случајот, акцијата се проширува со нови претреси и приведување на други инволвирани лица.
„Во рамки на постапка за организиран илегален увоз и дистрибуција на медицински средства користени при естетски зафати, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР се уште спроведува координирана акција при што се вршат интензивни претреси на повеќе локации низ државата. Акцијата е резултат на постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп, велат од Обвинителството.
Веќе се уапсени доктори од скопски клиники и од приватни ординации, по претреси кои вчера беа направени во Скопје, Битола и Струмица.







