Опозициската СДСМ преку соопштение упати сериозни обвинувања дека осудениот поранешен премиер Никола Груевски подготвува ново бегство од Унгарија во трета држава. Според партијата, додека во Будимпешта блиски соработници на Виктор Орбан масовно ги префрлаат своите капитали во Обединетите Арапски Емирати и други далечни дестинации, Груевски планира да го искористи поседувањето на неколку пасоши за да замине на нова локација.
Од СДСМ тврдат дека ова е сценарио на кое укажувале со месеци, но дека актуелната власт предводена од Христијан Мицкоски не презема ништо за да го спречи или да издејствува екстрадиција.
Во соопштението директно се прозива премиерот Мицкоски дека сè уште не испратил ниту еден нов документ или барање за екстрадиција на Груевски до унгарските власти. Опозицијата смета дека ваквата пасивност е намерна и има за цел да го заштити поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски знае дека ако го апси Груевски, ќе го изгуби рејтингот кај своите членови. Затоа го штити со сите сили. Граѓаните гледаат многу јасно: Мицкоски не го враќа Груевски затоа што не сака да го врати“, се вели во партиското соопштение.
СДСМ нагласува дека во Македонија сè уште не се создадени правни услови за враќање на Груевски и дека процесите против него остануваат активни, но дека недостасува политичка волја од сегашното раководство за негово изведување пред правдата.
Партијата го завршува своето обраќање со порака дека никој не е над законот – ниту Груевски, ниту Мицкоски, ниту нивните сојузници во Будимпешта – и најавува дека наскоро ќе дојде времето на вистината и одговорноста за сите инволвирани во овој случај.







