Премиерот Христијан Мицкоски упати повик до граѓаните своите летни одмори да ги поминат во домашните туристички центри како алтернатива за најавените гужви на границите кон Европската Унија поради новиот ЕЕС систем. На оваа изјава експресно реагираше опозициската СДСМ, која преку писмено соопштение го критикуваше премиерот, обвинувајќи го дека самиот летува во странство, додека на граѓаните им нуди затворени граници и изолација.
Мицкоски претходно информираше дека Владата разговара со Европската Унија за тоа како да се надминат гужвите на границите при влезот во Унијата за македонските граѓани. Иако не прецизираше детали за тоа што точно се преговара, тој предложи алтернатива за летната сезона.
„Имаме прекрасни езера и планини во Македонија, ги повикувам македонските граѓани своите летни годишни одмори да ги поминат на македонските планини и езера, во македонските села, затоа што имаме прекрасна земја и самите треба да си ја чуваме затоа што втора резервна татковина немаме“, изјави Мицкоски.
Новиот граничен режим, односно ЕЕС системот, ги следи граѓаните од земјите кои не се членки на ЕУ и електронски ги регистрира влезот и излезот, како и деновите поминати во Шенген зоната. При првата регистрација, на македонските граѓани ќе им се скенира пасошот, ќе им се земат отпечатоци од прсти и ќе се фотографираат, што се очекува да предизвика подолги задржувања на граничните премини.
Набрзо по изјавата на премиерот, реагираше СДСМ. Од опозициската партија наведоа дека ваквите повици наликуваат на кампањите од соседството, паралелно обвинувајќи го премиерот за лицемерие.
„Додека Христијан Мицкоски со владин авион тера одмор во Сплит-Хрватска, ги повика граѓаните да летуваат во Македонија ако не можат да ја поминат границата поради метежот предизвикан од ЕЕС системот. Исто го правеше и Вучиќ, имаше кампања ’Летувајте во Србија’, ги повикуваше граѓаните на ’домашен туризам’“, се вели во партиското соопштение на СДСМ.
Од партијата додаваат дека ова е показател за насоката во која се движи државата на меѓународен план.
„Изгледа дека Мицкоски однапред сака да им покаже на граѓаните како изгледа потполната изолација што нè очекува и да им објасни зошто не можат слободно да патуваат – поради неговата политика на стопирање на ЕУ интеграциите. Ова е директно признание дека неговата антиевропска политика ги затвора границите и им ја краде слободата на граѓаните“, заклучуваат од СДСМ.
Ј. Ѓ.







