Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во гостување во „Топ тема“ на Телма, најави дека за неколку дена претседателот на партијата, Венко Филипче, ќе го промовира новиот Закон за борба против корупцијата.
„Она што ќе го правиме во иднина, за неколку дена претседателот на партијата ќе го промовира Законот за борба против корупцијата, со кој СДСМ ќе настапи во идниот период и за кој стоиме како политичка партија, како луѓе од СДСМ, не само како ветување, туку како нешто што ќе го реализираме“, рече Тренчевска.
Таа истакна дека борбата против корупцијата и владеењето на правото се едни од клучните предуслови за напредокот на државата кон Европската Унија.
„Во сите ресори, особено во економијата и правдата, нема напредок, а токму од тие реформи зависат најголем дел од средствата од Европската Унија, кои, за жал, најверојатно ќе ги изгубиме“, посочи Тренчевска.
Таа додаде дека СДСМ стои зад овој закон не само како ветување, туку како конкретна мерка што планира да ја реализира откако власта ќе ја врати во рацете на граѓаните.
„Ова е нашиот одговор на барањата на граѓаните за владеење на правото и отчетност“, истакна Тренчевска.







