Општинската организација на СДСМ во Карпош денеска побара итно свикување на вонредна седница на Советот на општината, по информациите за повлекување и отсуство на градоначалникот Сотир Лукровски.
Претседателот на ОО СДСМ Карпош, Панче Милевски – Панта, на прес-конференција упати тешки обвинувања дека исчезнувањето на градоначалникот е директно поврзано со внатрешни судири во ВМРО-ДПМНЕ и страв од кривична одговорност.
Според Милевски, градоначалникот Лукровски се повлекува бидејќи одбива да потпишува документи поврзани со, како што вели, бизнис-интересите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и неговата група. Од СДСМ тврдат дека станува збор за документи кои можат да повлечат лична кривична одговорност, а се однесуваат на сомнителни новоградби, легализација на дивоградби, финансиски трансфери и фаворизирање одредени фирми.
„Градоначалникот Сотир Лукровски исчезна токму кога на граѓаните им е најпотребна одговорна и присутна локална власт. Карпош денес е симбол на застој, нефункционалност и институционален хаос. Општината е закочена, проектите стојат, а граѓаните се оставени без одговори“, истакна Милевски.
Од партијата јавно прашуваат дали е доведено во прашање целосното функционирање на локалната самоуправа и дали вработените во Општина Карпош треба да стравуваат за своите плати и егзистенција во следните месеци поради настанатиот хаос.
СДСМ инсистира на вонредна седница за граѓаните да дознаат во каква состојба се наоѓа општината и кој во моментов ги носи одлуките. Ситуацијата ја оценија како уште едно „погрешно кадровско решение на Христијан Мицкоски“, прашувајќи дали тој повторно ќе им се извинува на граѓаните.
„Доколку градоначалникот не е подготвен или не е способен да ја води општината, тогаш единствено чесно решение е оставка и распишување вонредни локални избори. Карпош не смее да биде жртва на политичка суета, неспособност и бегање од одговорност“, порача Милевски, додавајќи дека граѓаните бараат функционална и чесна локална власт, а не изговори.







