Во текот на вечерта во една скопска населба е заловен волк, за кој постојат сериозни индиции дека незаконски бил чуван како домашно милениче. За овој несекојдневен и опасен настан информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
Според информациите и објавените фотографии, волкот бил пронајден со ремче и ланец, што потврдува дека животното било држено во заробеништво. Веднаш по пронаоѓањето, биле известени сите надлежни институции.
Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази згрозување и неверување од постапката на несовесните поединци.
„Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани. Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина“, истакна тој.
Волкот во моментов е згрижен од страна на службите на Скопската зоолошка градина. Ѓорѓиевски порача дека очекува институциите да ги преземат сите неопходни мерки и целосно да го расчистат случајот.
„Во Скопје мора да има ред! Мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие иживување“, заклучи Ѓорѓиевски во својата објава.






