Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитриејиќ, денеска обвини дека премиерот Христијан Мицкоски директно му диктира задачи на јавниот обвинител Ненад Савески и побара негова итна оставка.
Според Димитриејиќ, премиерот скандалозно признал дека разговарал со јавниот обвинител и му дал насоки како да постапува Обвинителството. Од СДСМ ја посочија изјавата на Мицкоски во која тој порачува: „ако тоа не се случи, тогаш обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет“. За опозициската партија, ова претставува чиста наредба и продолжување на практиката на премиерот да врши притисок врз обвинителот кој, како што велат, самиот го избрал и поставил.
„Секој што се огрешил нека одговара, но не може премиерот да врши притисок врз обвинителот, односно да му наредува. Судството и обвинителството во Македонија се под целосна контрола на Мицкоски. Затоа нема правда и нема реформи, затоа сме заглавени и со блокиран европски пат“, истакна Димитриејиќ.
Од СДСМ обвинуваат дека власта бега од реформите и од воведувањето на Европско јавно обвинителство, бидејќи тоа би значело крај на заштитата на функционерите. Димитриејиќ дополнително го критикуваше Мицкоски за елиминирање на независни кандидати кои премиерот ги нарекол „медиокритети“, оценувајќи дека секој што не ги исполнува барањата на власта е етикетиран како талог на општеството.
„Новиот јавен обвинител, Савески, откако е дојден на функцијата, работи по нарачка на Христијан Мицкоски. Мицкоски дава наредби – Савески исполнува. Ако сака да сочува малку лично достоинство, најмалку што може да направи Савески е да си даде оставка, уште денеска“, заклучи генералниот секретар на СДСМ.







