Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали Владата ќе ја исполни на реформската агенда, изјави:
„Имавме состанок со господинот Герт Јанг Копман којшто во рамките на Европската комисија тоа го движи. Сите сме оптимисти, од оние десет дека можеме девет и пол да испорачаме, од оние, а може и десет, буквално така заклучивме, коишто се во грејс период.
Еден или два чекори зависат од учеството на опозицијата во нив, т.е. еден во овој грејс период, а тоа е Изборниот законик. Се надевам дека таму разумот ќе преовладее, дека ќе се вратат во работната група и ќе го усвоиме сите заедно овој Реформски закон. Затоа што реформите не се само промени на Уставот, јас го разбирам ова меко ткиво на македонскиот идентитет во СДСМ коешто во моментот е раководство на СДСМ и дека најлесно им е да коленичат, наместо да работат. Но, реформите и доказ дали сте за Европа, не е само Бугари во Устав, туку има уште многу посуштински работи коишто треба да ги завршиме. Е ние сме фокусирани на суштинските работи, а тие нека коленичат таму каде што коленичат.“













































































































