Бугарија е големиот победник на 70. јубилејно издание на Изборот за песна на Евровизија, кое спектакуларно се одржа во арената „Винер Штатхале“ во Виена. Поп-ѕвездата Дара ја испиша историјата за својата земја, освојувајќи го првото место со енергичната песна „Бангаранга“ и вкупно 516 поени. Ова е прва победа за Бугарија во историјата на ова натпреварување, со што земјата го доби правото да биде домаќин на Евровизија следната година.
Доминација кај жирито и публиката
Финалето донесе драматична завршница, но Бугарија покажа апсолутна доминација. Бугарската претставничка Дара го освои првото место кај националните жири-комисии со 204 поени, а потоа буквално експлодираше при соопштувањето на телефонското гласање од публиката, добивајќи дополнителни 312 поени. Со оваа импресивна поддршка, Бугарија стигна до конечните 516 поени и убедливо го остави зад себе претставникот на Израел, Ноам Бетан, кој со песната „Michelle“ го освои второто место со вкупно 343 поени. На третата позиција заврши Романија претставена од Александра Капитанеску, која со песната „Choke Me“ освои 296 поени.
Спектакуларно јубилејно шоу во Виена
Во големото финале се натпреваруваа вкупно 25 земји, а шоуто беше водено од домаќините Викторија Сваровски и Михаел Островски. Натпреварувачкиот дел го отвори минатогодишниот победник Џеј-Џеј со песната „Кралицата на ноќта“. Посебно емотивен беше ревијалниот дел во кој се славеше 70-годишнината од Евровизија. На сцената настапија некои од најголемите евровизиски легенди како Верка Сердучка, Александар Рибак, Руслана, Манс Зелмерлев, бендот Лорди и Хелена Папаризу, кои со заедничка изведба на култната „Volare“ ја воодушевија публиката.
Ј. Ѓ.











































































































