Пратеничката група на СДСМ поднесе Предлог на закон за дополнување на Законот за локалната самоуправа, со кој се предвидува општините преку одлуки на своите совети да можат да ги ослободат родителите и старателите на деца со попреченост и аутизам од плаќање надоместок за користење на јавен простор за паркирање, соопштуваат од СДСМ.
Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, рече дека целта на законското решение е да се создаде „унифицирана законска можност за сите општини во државата“ за олеснување на секојдневието на овие семејства.
„Потребата од измена на Законот за локална самоуправа произлегува од реалните предизвици со кои се соочуваат семејствата на децата со попреченост и аутизам при секојдневното движење и користење на јавниот простор“, посочи Талевски, додавајќи дека паркирањето во зонските подрачја претставува дополнителен финансиски товар, особено при редовни посети на здравствени, образовни и специјализирани центри.
Тој појасни дека ваквите категории граѓани во повеќе земји веќе се ослободени од паркинг надоместоци преку законски решенија или одлуки на локалната самоуправа, нагласувајќи дека слични практики постојат и во регионот.
Талески додаде дека измената ќе придонесе за унапредување на локалните политики и поголема социјална одговорност на општините.
„Со воспоставување на законска рамка што овозможува еднаков третман на овие категории граѓани низ сите општини, ќе се поттикне поголема кохерентност во локалните социјални политики и ќе се зајакне довербата на граѓаните во институциите“, посочи тој.
Талевски истакна дека финансиските импликации од предложеното законско решение се минимални, оценувајќи дека бројот на корисници е ограничен и нема значително да влијае врз општинските буџети.
„Напротив, долгорочните придобивки ќе се манифестираат преку зајакнување на инклузивноста во локалните заедници, подобрување на квалитетот на живот и создавање општество засновано на еднакви можности“, рече Талески.












































































































