Македонија и Хрватска ги подигнуваат своите билатерални односи на повисоко ниво преку потпишување на Договор за стратешка соработка помеѓу двете влади. Ова беше истакнато на денешната средба во Охрид меѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, соопштуваат од Владата.
Премиерот Мицкоски во своето обраќање нагласи дека овој договор е многу повеќе од обичен дипломатски акт, оценувајќи го како рамка за долгорочно партнерство и јасна политичка определба за продлабочување на односите во суштински области.
„Ќе работиме на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, здравството, образованието, јавната безбедност, одбраната и сајбер безбедноста. Ние сакаме оваа соработка да не остане само на ниво на политички декларации, туку да донесе реални резултати, нови инвестиции и подобар животен стандард“, порача Мицкоски.
Поддршка за ЕУ и критика за „непринципиелните блокади“
Европската интеграција била една од клучните теми на средбата. Мицкоски потсети дека Македонија и Хрватска заедно го почнале патот кон ЕУ, но Хрватска веќе успешно го завршила тој процес. Тој изрази благодарност за континуираната хрватска поддршка, но упати и критика за пречките со кои се соочува земјава.
„Нашиот пат кон ЕУ за жал е исполнет со непринципиелни блокади поради што се доведува во прашање интегритетот на самиот процес. Но, сакаме да веруваме во Европа на вредности, Европа на принципи која препознава реформи и резултати“, истакна македонскиот премиер.
Нов Меморандум за енергетска соработка
Покрај Договорот за стратешка соработка, двете делегации во Охрид потпишаа и Меморандум за разбирање и соработка во енергетскиот сектор. Според Мицкоски, енергетиката одамна не е само економско прашање, туку прашање на национална сигурност. Меморандумот треба да создаде рамка за зајакнување на енергетската безбедност и регионалните интерконекции.
Како НАТО сојузници, двајцата премиери разговарале и за безбедносните предизвици во Европа, сајбер заканите и миграциските притисоци, заклучувајќи дека во време на глобална неизвесност, силните партнерства и заедничките одговори се неопходни за регионалната стабилност.











































































































