Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед по повод празникот Курбан Бајрам. Во име на Собранието и во свое лично име, тој им посака празникот да донесе благосостојба, здравје, душевен мир и среќа во нивните семејства.
Во празничната порака, Гаши истакна дека на денот на Курбан Бајрам, кој претставува празник на пожртвуваноста, хуманоста и блискоста меѓу луѓето, се обновуваат највисоките вредности на солидарноста, разбирањето и меѓусебната почит.
Тој порача дека овој свет празник потсетува на важноста од грижата едни кон други, како и на споделувањето на добрината со семејството, соседите и со сите оние на кои им е потребна поддршка и човечка топлина.
„Курбан Бајрам е исто така повик за поголемо единство, мир и хармонија во нашето општество, зацврстувајќи ја вербата дека само заедно можеме да изградиме подобра иднина за сите граѓани“, истакнува претседателот на Собранието во својата честитка.






































































































