Во интервју за „Слободен печат“, претседателот на СДСМ Венко Филипче најави дека ќе се спроведе сеопфатен ветинг и нов антикорупциски закон, со кој, како што рече, никој нема да биде поштеден.
„Ќе го донесеме антикорупцискиот закон, никој нема да биде поштеден. Ќе има ветинг на сите функционери од деведесеттите години, и тој закон ќе биде под јурисдикција на силна соработка со европското обвинителство, со што нема да може да се влијае на судството ниту да се штелуваат пресуди,“ рече Филипче.
Филипче посочи дека целта е воспоставување европско правосудство и целосна независност од политичко влијание.
„Ќе има ветинг за сите функционери од 90-тите до денес и европско правосудство. Јас немам интерес да се мешам во судството или да давам насоки за обвинители и судии, како што тоа го прави Христијан Мицкоски,“ изјави тој.
Филипче истовремено обвини дека, власта директно влијае врз правосудниот систем.
„Тоа е скандал на ова владеење, директно мешање во правосудството, нешто што го нема во ниту една демократска држава и за кое во други земји владата би паднала истиот ден,“ рече Филипе.
Во однос на борбата против корупцијата, Филипче најави и систем на награди за пријавување коруптивни случаи, со цел враќање на јавните средства кај граѓаните.
„Луѓето сакаат систем, а не владеење на поединци. Младите не заминуваат само поради платите, туку и поради недостиг на систем,“ рече Филипче.







































































































