Со цел зголемување на безбедноста на капачите и на сите учесници во водното сообраќање, Владата, на предлог на Министерството за транспорт, донесе Одлука за ограничување на пловидбата на пловни објекти на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Како што информираат од ресорното министерство, оваа мерка се презема со цел заштита на човечките животи, непречено користење на езерските води, намалување на ризикот од несреќи и зачувување на јавниот ред на трите природни езера во државата.
Со донесената одлука точно се прецизираат термините и периодите во кои се ограничува движењето на пловните објекти. За скутерите се воведува забрана за пловидба во периодот од 1 јули до 31 август 2026 година, и тоа во текот на денот од 11:00 часот до 19:00 часот.
Паралелно, Владата воведува ограничувања и за пловидбата на чамците, каде забраните се поделени во три временски фази. Така, во периодот од 3 јуни до 31 август 2026 година, чамците нема да смеат да пловат во времетраење од 21:00 до 05:00 часот наутро. Веќе од 1 септември до 30 септември 2026 година, ограничувањето ќе премине во времетраење од 20:00 до 06:00 часот, додека во текот на целиот октомври, односно од 1 до 31 октомври 2026 година, пловидбата на чамците ќе биде ограничена од 19:00 до 06:00 часот.
Од Министерството за транспорт најавуваат дека надлежните инспекциски и безбедносни служби во претстојниот период ќе вршат засилени контроли на терен. За секое евентуално непочитување на пропишаните временски ограничувања, органите ќе преземаат соодветни санкции и мерки во согласност со позитивните законски прописи.
Од тие причини, министерството упатува јавен апел до сите сопственици и управувачи на скутери и чамци доследно да ги почитуваат утврдените правила за пловидба, јасно означените безбедносни зони во водите, како и сите тековни насоки на надлежните државни органи.







