СКОПЈЕ – Две патнички моторни возила се опожарени во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, објави порталот „360 степени“, повикувајќи се на информации од терен и потврда од скопската Противпожарна бригада.
Според изјавата на командантот на Противпожарната бригада, Звонко Томевски, по брзата интервенција огнот бил веднаш изгаснат.
„Опожарени се две патнички возила. Интервенираа тројца пожарникари со едно противпожарно возило“, изјави Томевски за „360 степени“, додавајќи дека возилата се изгорени главно во делот на моторот и дека нема предизвикано штета на околните објекти.
Возилата се со дипломатски таблички
Од фотографиите што репортерите на „360 степени“ ги направија на терен, може да се види дека станува збор за возила од марките „киа“ и „сузуки“ кои носат дипломатски регистарски таблички. На самиот коловоз сè уште има траги од гаснењето на пожарот.
Екипи на Министерството за внатрешни работи (МВР) веднаш излегоа на терен, а вешти лица ги испитуваат причините за инцидентот. Пред зградата на амбасадата, неколкумина вработени во дипломатското претставништво излегле на тротоарот и разговарале со полицијата. На прашање од новинарите за тоа што точно се случило, тие упатиле сите информации да се бараат директно од Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Сомнежи за подметнат пожар
Иако од МВР засега нема официјална потврда за причините за инцидентот, според неофицијалните информации до кои дојде „360 степени“, возилата се намерно запалени, а полицијата веќе трага по сторителот.
„Некој ги запалил колите пред околу еден час. Не се слушна ништо, ама видовме дека малку гореше и веднаш го изгаснаа огнот“, изјави вработен во компанија лоцирана близу амбасадата, кој во моментот на настанот бил на своето работно место.







