СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со меѓусебните обвинувања по повод говорот на премиерот Христијан Мицкоски за Илинден, во кој беше употребен зборот „талог“. Андреј Жерновски од СДСМ го обвини премиерот за патолошка политичка омраза, додека ВМРО-ДПМНЕ експресно возврати нарекувајќи го Жерновски дел од основоположниците на тој „талог“ кои го уништувале системот со децении.
СДСМ: Мицкоски го третира народот како „талог“ и води криминална група
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, на прес-конференција истакна дека Мицкоски го злоупотребил најголемиот државен празник за да ја продолжи својата политика на поделби и навреди. Според него, зборот „талог“ се однесува на сите неистомисленици кои се борат за правда и европска перспектива.
Жерновски посочи дека додека премиерот навредува, Македонија тоне во економска криза, стандардот опаѓа, водата е отруена во повеќе места, а реформите стојат во место. Тој го критикуваше Мицкоски и за неговите изјави околу летниот одмор, истакнувајќи дека премиерот ги лажел граѓаните нарекувајќи го својот одмор „екскурзија“.
„Ова веќе не е патриотизам. Ова е патолошка политичка омраза и тоа веќе треба јасно да се каже. Сè додека македонските граѓани ги нарекува „талог“, ние, за жал, немаме премиер, немаме лидер. Ние имаме шеф на една организирана криминална група“, изјави Жерновски.
ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски е талогот што 20 години живее на државна сметка
Во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ се вели дека СДСМ самиот се препознал и се прогласил за талог на општеството, обвинувајќи го директно Жерновски дека е еден од креаторите на тој систем.
Владејачката партија тврди дека Жерновски 20 години ја „цица“ државата на нејзина сметка, а сега објаснува како не му се допаѓа системот.
„Системот беше досега таков, затоа што со децении лица како Жерновски, Заев и Филипче го крадеа и уништуваа. Ликови како овие тројца ја продаваа државата и ја понижуваа на секој можен начин, само за да си го зголемат својот џеб. Тој систем веќе 2 години се менува. Новиот систем е предводен од чесни политичари кои мислат на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со ова продолжуваат интензивните препукувања меѓу двата политички табора, при што СДСМ ја обвинува власта за неспособност и отсуство на лидерство, додека ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека претходното раководство го уништило системот исклучиво за лично богатење.






