Еден од највпечатливите филмови во современата македонска кинематографија, „Џган“, по сценарио и во режија на Вардан Тозија, утревечер (25 август) ќе одбележи една деценија од својата светска премиера со специјална јубилејна проекција во летното кино на Синеплекс во Скопје.
Како што информираат организаторите, настанот ќе се одржи на „Rooftop Open Air Cinema“ (отворената катна гаража) во Скопје Сити Мол, со почеток во 20:30 часот. Веднаш по проекцијата ќе следува интерактивна сесија и разговори меѓу филмската екипа и публиката, проследени со дружење во чест на јубилејот.
Во пресрет на настанот, режисерот и сценарист Вардан Тозија истакнува дека филмот настанал како крик на очај и гнев од времето во кое живееме, од мрачните настани и луѓето кои ги дефинираат нашите животи.
„Во филмот, молкот го прекинуваат токму најранливите — „пацовите“ фрлени на маргините, кои му возвраќаат на системот на единствениот начин што го знаат. „Џган“ е снимен со огромна посветеност и љубов, низ исклучително тежок процес во кој мазохистички уживавме. Прекрасно е чувството повторно да се види филмот на големо платно, под отворено небо, и заедно да ја одбележиме неговата десетгодишнина“, вели Тозија.
Приказната го следи претворањето на едно тивко момче во суров водач на група отфрлени штитеници од Дом за деца без родители, кои тргнуваат во слепа одмазда кон светот. Според продуцентот Огнен Антов, филмот воопшто не старее и сè уште удира силно.
„Најголемата награда за мене не е онаа од фестивалите, туку кога млад филмаџија ќе ми каже дека токму „Џган“ му бил инспирација. Затоа и после 10 години сакам новите генерации да го видат. Некои филмови стареат, но мислам дека овој филм само чека публиката повторно да го открие“, потенцира Антов.
Македонски продуцент на филмот е „Дрим Фектори“, во копродукција со „Red helicopter films“ од Албанија, а со финансиска поддршка од Агенцијата за филм и „SEE Cinema network“. Во главните улоги настапуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски, поддржани од бројна актерска екипа.
Билетите за јубилејната проекција се веќе пуштени во продажба на билетарницата на киното Синеплекс, како и онлајн.







