Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција упати апел до Скопска апелација веднаш да донесе одлука за случајот „Талир 2“ и да ја преиначи првостепената ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски. Според него, Апелација има рок само до 31 август за да постапи по жалбите на Обвинителството во врска со случајот за „криминално стекнатото седиште на ВМРО-ДПМНЕ“.
Во своето обраќање, Димитријевиќ ја обвини актуелната власт и премиерот Христијан Мицкоски за целосна партизација на правосудството. Тој тврди дека судството кое е под контрола на Мицкоски, со првостепената одлука го ослободило Груевски и ја одбило конфискацијата на партиското седиште.
Според него, претходно предметот бил одземен од поранешниот обвинител, што го оценува како класичен пример за политичко влијание врз текот на истрагите.
„Власта го смени јавниот обвинител, постави обвинителка од тефтерчето на Сашо Мијалков, позната од бомбите. Менуваше и назначуваше судии блиски до власта и до Мицкоски. Резултатот од таквото партизирано правосудство е ослободителна пресуда за менторот на Мицкоски – Никола Груевски и спас на криминално стекнатиот имот на ВМРО“, истакна генералниот секретар на СДСМ.
Од опозициската партија посочуваат дека Мицкоски јавно им делел задачи на обвинители и судии преку собраниската говорница, телевизија и телефон. Според СДСМ, Мицкоски го спасил Груевски и токму затоа сè уште не распишува потерница по него.
Димитријевиќ порача дека сега Апелацискиот суд има шанса да ја поправи грешката и да создаде нова можност за правда, бидејќи, како што заклучи, судството мора да им служи на граѓаните, а не да го спасува криминалот на власта.







