Извадок од анализата „Од Матрикс до агентската ВИ: Кога софтверот престанува само да одговара и почнува да дејствува“, ЦИВИЛ МЕДИА, 30 август 2026
Научната фантастика често ја компресира целата технолошка еволуција во еден драматичен пресврт. Машината станува свесна. Системот ја презема контролата. Човештвото одеднаш открива дека создало нешто што повеќе не може да го контролира.
Реалниот развој, барем досега, изгледа многу повеќе како „нежната сингуларност“ на Сем Алтман. Не се работи за едно будење, еден пресврт. Тука зборуваме за постепено поместување на границата.
Системот прво пишува реченица. Потоа програма. Потоа решава задача. Потоа користи алатки за да ја реши. Па планира повеќе чекори. Работи со часови. Неколку агенти работат паралелно. И во еден момент се свртуваме наназад и сфаќаме дека повеќе не користиме само програма. Делегираме работа на интелигентен систем!
Можеби токму тука најдобро се гледа она што Алтман го нарекува нежна сингуларност. Научната фантастика не станува реалност во еден спектакуларен миг. Дел по дел, технолошкиот напредок тивко престанува да биде фикција.
Интересно е што токму во годините кога „Матрикс“ ја претвораше идејата за софтверски агенти во научна фантастика, компјутерската наука веќе развиваше многу поприземна верзија на истиот концепт. Британските научници Мајкл Вулдриџ и Николас Џенингс уште во класичните трудови за интелигентните агенти ги дефинираа како компјутерски системи способни за „flexible autonomous action in order to meet [their] design objectives“ – флексибилно автономно дејствување за остварување на зададените цели. Кај нив автономијата не значи свест или независна волја, туку способност системот да реагира на средината, да биде проактивен и да дејствува без постојана директна човечка интервенција. Речиси три децении подоцна, токму овие некогаш академски својства стануваат основа на новата генерација ВИ агенти.
Првата масовна фаза беше разговорна. Човекот поставува прашање, системот одговара. Потоа следува ново прашање, дополнување, исправка или нова задача. Корисникот останува непосредно присутен во речиси секој чекор.
Агентскиот модел ја менува оваа архитектура на односот. На системот повеќе не му се задава само прашање. Му се задава цел или задача. Не станува збор само за побрз начин да се добие одговор. Се менува суштината на интеракција меѓу човекот и машината.
OpenAI токму така ја опишува промената. Кај chatbot-системите интеракцијата најчесто е кратка и затворена во едно прашање и еден одговор, додека агентите можат самостојно да работат минути или часови, да повикуваат различни алатки, да комуницираат со околината и да се движат кон зададеното решение преку повеќе обиди.
Тоа е огромна разлика. Човекот веќе не мора секогаш да биде оној што го извршува секој микро-чекор меѓу идејата и резултатот. Сега човекот е во позиција да ја постави намерата, а системот учествува во определувањето на патот.
Во „Нежната сингуларност“, Сем Алтман пишува дека 2025 година веќе донела агенти способни да извршуваат „реална когнитивна работа“. Како особено видлив пример го посочува програмирањето.
Тоа е значајно затоа што програмирањето долго време беше една од областите што најсилно се поврзуваа со човечката способност да разбере проблем, да го расчлени, да испланира решение, да создаде код, да тестира, да открие грешки и да поправи. Современите агентски системи почнуваат да учествуваат во целиот овој процес. Не само да предложат една линија код.
Можат да анализираат голема кодна база, да утврдат каде треба да се направи измена, да ја спроведат, да стартуваат тестови, да ја видат грешката, да ја поправат и да ја подготват работата за човечка ревизија. OpenAI го опишува Codex како агент способен за задачи од почеток до крај, од изградба на функционалности до сложени рефакторирања и миграции.
Тука се случува нешто многу поважно од автоматско пишување код. ВИ почнува да работи врз проблемот, а не само врз реченицата со која е опишан проблемот.






