Најмалку две лица загинаа, а четири се повредени во руски воздушен напад врз Краматорск извршен утринава. Според информациите од Регионалното обвинителство во Доњецк, што ги пренесе Укринформ, руските сили извршиле четири удари користејќи бомби „ФАБ-250“, при што биле директно погодени станбени згради во центарот на градот.
Во своите домови животот го загубиле двајца мажи на возраст од 45 и 66 години, додека со сериозни повреди се здобиле уште еден маж и три жени. Локалните власти информираат дека се оштетени три згради и повеќе возила, по што е покрената и официјална истрага за воено злосторство.
Паралелно со нападите во Доњецк, руските сили извршија и напад со дронови врз Запорижја. Како што информираше Иван Федоров, копретседател на Регионалниот совет за одбрана на Запорижја, во овој напад е оштетена станбена зграда при што се повредени три лица кои веднаш биле згрижени во медицински установи. Поради сериозноста на оштетувањата на фасадите и улиците, сообраќајот во градскиот кварт Днипровски е привремено ограничен. Претходно во текот на ноќта, при друг руски дронски напад беше оштетен и делумно уништен голем трговски центар лоциран во градот.






