Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека за време на престојот во Њујорк разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио, оценувајќи дека контактот претставува потврда за значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.
„Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави“, соопшти Мицкоски.
Според него, директната комуникација на високо политичко ниво е важна за размена на ставови за прашања од заеднички интерес, продлабочување на билатералните односи и зајакнување на позицијата на Македонија како стабилен и доверлив сојузник.
Мицкоски додаде дека во време на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со стратешките сојузници добиваат уште поголемо значење и порача дека Владата ќе продолжи да работи на унапредување на македонско-американските односи.
По објавата на премиерот, со реакција се јави СДСМ. Од партијата тврдат дека не станувало збор за официјална билатерална средба, туку за краток разговор во ходник, кој, според нив, Владата го претставува како средба на високо ниво.
„Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник“, наведуваат од СДСМ.
Опозициската партија упати критики и за резултатите од посетата на САД, осврнувајќи се на најавениот грант од пет милиони долари за проект поврзан со експлоатација на антимон кај Крива Паланка.
Од СДСМ оценуваат дека посетата не донела конкретни придобивки за државата, додека од Владата велат дека разговорите со американските претставници се дел од напорите за натамошно зајакнување на стратешкото партнерство со САД.






