Инженери на Република Македонија (ИНРМ) реагираат на најавите за воведување паметни броила за електрична енергија, оценувајќи дека задолжителна масовна замена на постојните броила во сите домаќинства би создала дополнителен трошок за граѓаните.
Реакцијата следува по најавата на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, дека Комисијата подготвува извештај до Владата, по што би можело да започне постапка за набавка и постепено воведување паметни броила низ земјата. Ристов посочи дека новата технологија би им овозможила на потрошувачите во секое време да имаат увид во потрошувачката и во цената на електричната енергија.
Од ИНРМ, сепак, сметаат дека не треба да се оди кон задолжително поставување вакви уреди кај секое домаќинство.
„Не се согласуваме и сметаме дека е штетна за граѓаните идејата за задолжително масовно воведување на паметни броила кај сите домаќинства“, се наведува во реакцијата.
Според инженерите, трошоците за набавка, инсталација, одржување и управување со таков систем на крајот би можеле да ги платат граѓаните, без разлика дали директно преку сметките за електрична енергија, преку мрежарината или индиректно преку буџетот.
ИНРМ го посочува и член 185, став 2 од Законот за енергетика, според кој, доколку во одреден пресметковен период не е извршено мерење на потрошената електрична енергија, фактурата се изготвува според претпоставена потрошувачка, а еднаш на три месеци мора да се усогласи со реалната потрошувачка и да се издаде коригирана фактура. Оваа одредба навистина е содржана во важечкиот Закон за енергетика.
Оттаму, од ИНРМ оценуваат дека проблемот со точноста на сметките за најголемиот дел од домаќинствата може да се решава со редовно читање на броилата и доследно спроведување на законот, без задолжителна замена на сите постојни уреди.
Организацијата не ја оспорува примената на паметните броила во целост. Напротив, наведува дека тие имаат оправдана функција кај просјумери, производители на електрична енергија, батериски системи и граѓански енергетски заедници, но смета дека корисниците на кои им се потребни таквите дополнителни функционалности би можеле самите да ја финансираат нивната инсталација.
Паметните броила, од друга страна, се дел и од пошироките планови за модернизација на електроенергетскиот систем. Тие овозможуваат далечинско отчитување, подетален увид во потрошувачката и примена на тарифи зависно од времето на користење на електричната енергија. Ваква инфраструктура е предвидена и во националните енергетски документи.
„Прво да се почитува законот. Потоа да се бараат нови трошоци од граѓаните“, порачуваат од ИНРМ.
Oстанува прашањето не само дали паметните броила имаат технолошка корист, туку и кој ќе ја плати нивната масовна инсталација, по кој модел ќе се воведуваат и дали нивната замена ќе биде задолжителна за сите домаќинства.






